Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски/втор јазик – ЦЕТИС МАК е оформен во 2007 година, во рамките на проект од ТЕМПУС­ програмата.

ЦЕТИС МАК претставува единствен центар од ваков вид во Република Македонија, каде што се врши тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски јазик според европски стандарди.

ЦЕТИС МАК е организациона единица на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Во рамките на Факултетот, дејствува во најтесна соработка со Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а во рамките на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Основна дејност на ЦЕТИС МАК е организирање и изведување на Тестот по македонски јазик како странски јазик – ТЕМАК и издавање на соодветен сертификат за нивото на познавање на јазикот.

ЦЕТИС МАК организира и:

– настава по македонски јазик како странски јазик во соработка со Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици или со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во летните школи;

– организира обука за овластени испитувачи за заинтересираните кандидати;

– изготвување на студиски и предметни програми за македонски јазик како странски јазик во соработка со Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.