ИСТОРИЈАТ НА КАТЕДРАТА ЗА АЛБАНСКИ ЈАЗИК И КНИЖЕВНОСТ

Во 1951 година, кога тогашниот Филозофски факултет одбележуваше пет години од основањето, при оваа висока наставно-научна установа се воведе и албанскиот јазик на почетокот како лекторат при Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а од 1959/60 учебна година овој лекторат прерасна во Семинар за албански јазик, што значи дека студентите од другите групи албанскиот јазик го слушаа четири семестри. Од учебната 1967/68 година албанскиот јаик и албанската книжевност се слушаат во текот на шест семестри, а од учебната 1971/72 година при Филозофскиот факултет од Семинарот за албански јазик се формира Катедрата за албански јазик и книжевност. Досега на оваа Катедра дипломирале над 1000 студенти.

Основоположник на Катедрата е познатиот деец д-р Петро Јанура, којшто од основувањето на Катедрата (1951) 20 години беше единствениот предавач сѐ до формирањето на Катедрата (1971) кога во наставниот процес се вклучија и истакнатите професори проф. д-р Ремзи Несими, проф. д-р Џеват Гега, проф. д-р Зихни Османи, проф. д-р Хаки Имери, проф. д-р Авзи Мустафа (сега сите во пензија), д-р Теута Арифи (подолго време се бави со политика) и лекторот Ќани Мемети.

За наставните потреби, на Катедрата предавале и професорите: проф. д-р Оливера Настева, проф. д-р Шефќет Плана, проф. д-р Љатиф Муљаку, проф. д-р Имри Бадалај, проф. д-р Садик Бејко, проф. д-р Агим Винца и проф. д-р Тома Дима.

Наставниот кадар на оваа Катедра актуелно се состои од 10 наставници: проф. д-р Зекирја Незири, проф. д-р Нехас Сопај, проф. д-р Агим Пољоска (вклучени од самите почетоци на Катедрата) и проф. д-р Аслан хамити, проф. д-р Агим Лека, проф. д-р Мирлинда Крифца, проф. д-р Мируше Хоџа, проф. д-р Ваљбона Тоска, проф. д-р Ајтен Ќамили и проф. д-р Исмет Османи.

Во рамките на Катедрата за албански јазик и книжевност функционираат следните групи и насоки:
1. Албански јазик и книжевност – наставна насока
2. Превод и толкување од албански на македонски јазик и обратно – за студенти на кои албанскиот им е мајчин јазик
3. Превод и толкување од албански на македонски јазик и обратно – за студенти на кои албанскиот не им е мајчин јазик

Покрај наставната дејност, членовите на Катедрата за албански јазик и книжевност развиваат богата и успешна научна и стручна активност, како и учествуваат во разни проекти. При Катедрата за албански јазик и книжевност досега магистрирале 52 кандидат и 71 докторирале.

Катедрата има и библиотека. Во библиотеката за Албански јазик и книжевност книжниот фонд е ваков: таа располага со над 5900 наслови, од кои има книги, брошури, весници, списанија и ракописи. Речиси сите се купени со денарски средства, освен еден мал број се добиени како подарок.