Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности има основоположничка улога во создавањето на македонската книжевна наука. Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности својата дејност ја започнува во 1946 година како Семинар за историја на книжевностите на народите на Југославија. Катедрата е една од основачките наставно-научни единици на „Филозофскиот факултет“ во Скопје, од кој подоцна се формирал Филолошки факултет, кој во развојниот тек се именува како Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Прв раководител на Катедрата е проф. д-р Харалампие Поленаковиќ. Во својот развоен тек, персоналниот состав на Катедрата расте и зголемува со имињата на наставници кои напредувале низ скалилата на академското унапредување: проф. д-р Харалампие Поленаковиќ, проф. д-р Фран Петре, проф. д-р Димче Левков, проф. д-р Димитар Митрев, проф. д-р Александар Спасов, проф. д-р Драган Гане Тодоровски, проф. д-р Кирил Пенушлиски, проф. д-р Георги Сталев Поповски, проф. д-р Мирко Павловски, проф. д-р Томе Саздов, проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, проф. д-р Томислав Тодоровски, проф. д-р Фанија Попова, проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Нада Петковска, проф. д-р Надежда Момировска, проф. д-р Виолета Пирузе – Тасевска, проф. д-р Ванчо Тушевски, проф. д-р Науме Радически, проф. д-р Атанас Николовски, проф. д-р Слободан Мицковиќ, проф. д-р Добрила Миловска, проф. д-р Јадранка Владова, проф. д-р Нина Анастасова – Шкрињариќ, проф. д-р Виолета Димова, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска, проф. д-р Јасна Котеска, проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Ангелина Бановиќ – Марковска, доц. д-р Трајче Стамески и доц. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова.

Во почетокот на 90-тите години Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ е преименувана во Катедра за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, со што го задржува статусот на национална катедра при Факултетот.

Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности се јавува во улога на организатор или коорганизатор на научни средби.

Во текот на 71 година постоење, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности постигнува рекордна и завидна бројка на дипломирани, магистрирани и докторирани кандидати. Тие кадри, со децении се носители на наставно-образовниот процес, како и на науката и културата во Република Македонија.

Поранешните и сегашните членови на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности сестрано учествувале и учествуваат во растежот на Република Македонија во доменот на просветата, науката и културата. Тие се реномирани научни творци и редактори, афирмирани автори на уметничка литература, литературни критичари, преведувачи итн.

Членовите на Катедрата често се добитници на разни награди во земјата и странство – највисоки признанија во Република Македонија, наградата „11 Октомври”, „Св. Климент Охридски“, „23 Октмоври“, итн., како и највисоки признанија на некогашната СФРЈ (наградата „АВНОЈ”, итн.) и награди од странство.
Членовите на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности биле декани и продекани на Филолошкиот факултет, ректори и проректори на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, заземале разни високи општествени и политички позиции како пратеници, републички секретари, министри, амбасадори итн.

Неколкумина редовни професори од Катедрата биле членови на Македонската академија на науките и уметностите.

Во најновиот период Катедрата работи според најнови наставни планови и програми, хармонизирани со ЕКТС. Наставата се одвива во три циклуси: на прв степен на студии, на втор степен на студии од областа Македонистика и на трет степен студии на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Раководител на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности од учебната 2017/2018 година е проф. д-р Кристина Николовска.

Раководител на Колегиумот на вториот степен на студии од областа Македонска книжевност е проф. д-р Нина Анастасова-Шкрињариќ.

Раководител на студиите на трет степен – на Школата за докторски студии од областа Македонска книжевност е проф. д-р Добрила Миловска.