Краток историјат на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје

Катедрата за романски јазици и книжевности, на почетокот Катедра за романска филологија, е основана 1946 г. кога е основан и Филозофскиот факултет во Скопје. Прва студиска група на Катедрата е групата за француски јазик и книжевност. Во текот на седумдеценискиот развој на Катедрата се воведува настава по италијански јазик (1959 г.), по романски јазик (1970 г.), по шпански јазик (1981), кои постепено прераснуваат во посебни студиски групи, а во 2007 г. се воведува настава по португалски јазик. Во рамки на студиските групи по француски и шпански јазик и книжевност се формираат професори и преведувачи/толкувачи по овие јазици.

Катедрата остварува богата меѓународна соработка со Универзитети и со центри за обука во регионот и пошироко. На Катедрата предавале: проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов, проф. д-р Божидар Настев, проф. д-р Лилјана Тодорова, проф. д-р Љубица Димовска-Калајлиевска, проф. д-р Алекса Попоски, проф. д-р Петар Атанасов, проф. д-р Илинка Митрева, лектор Рене Дуљановиќ, лектор Жана Ангеловска и др.