Прв повик за испраќање текстови за електронското студентско списание „In medias res“

ПРВ ПОВИК ЗА ИСПРАЌАЊЕ ТЕКСТОВИ ЗА ЕЛЕКТРОНСКОТО СТУДЕНТСКО СПИСАНИЕ IN MEDIAS RES

inmediasres.flf.ukim.edu.mk

Со големо задоволство го објавуваме првото електронско списание на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кое има за цел да биде динамична креативна платформа што ќе понуди простор за активен ангажман и изразување на младите.  Платформата е раководена од студентите и континуирано ќе се оформува и ќе се менува под нивно директно влијание и придонес.

Мисијата на In medias res е да направи чекор во пополнување на празнината што постои не само во медиумскиот простор, туку и во самата структура на студентскиот живот каде што младите чувствуваат недостиг од канали за самоуверено изложување на својот труд. Дополнително, во поширока смисла, платформата треба да влијае кон зголемување на еластичноста и инклузивноста во медиумскиот простор. In medias res ќе се обиде да одговори на барањата на студентите за изложување на нивниот труд создаден за време на студирањето, кој наместо да се складира во фиоки или под купишта скрипти, ќе заживее во својата заслужена улога. Сакаме In medias res да прерасне во наша, заеднички изградена студентска платформа, каде што ќе споделуваме и ќе вкрстуваме идеи и знаење и ќе го објавуваме она што ни е во заеднички интерес за време на нашата интелектуална изградба.

Поканети се свои текстови да испратат студентите од Филолошкиот факултет, како и колегите и колешките од останатите факултети и универзитети во Македонија. Ги охрабруваме и оние што само што ги започнале своите студии, но и оние што се веќе дипломирани, а кои сакаат да ја поддржат оваа платформа.

Списанието нема ограничувања во однос на работниот јазик и типот на прилози: текстовите може да бидат теоретски, академски трудови, есеи, рецензии и осврти, преводи, интервјуа и уметнички/авторски дела од областа на книжевноста, лингвистиката, културата, методиката, преведувањето и толкувањето. Трудовите може да бидат и коавторски, а насоките за форматот на текстовите може да ги побарате на нашата веб-страница.

Доколку сакате да се  вклучите во тимот на In medias res и мислите дека можете да придонесете со некои од потребните вештини (лекторирање, јазично уредување, дизајн и графичко уредување), ве покануваме да ни испратите порака.

Сите заинтересирани може да испратат текстови на електронската адреса: inmediasres@flf.ukim.edu.mk најдоцна до 10 февруари 2019 година. За повеќе информации најдете нè на Фејсбук, контактирајте нè по мејл или обратете се во библиoтеката на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет.

Од уредничкиот тим на In medias res

Почеток

12:00 AM

декември 26, 2018

Крај

11:00 PM

февруари 10, 2019

Адреса

бул. Гоце Делчев 9а, Скопје, Македонија

Учесници на настанот